Во јасен показател за продлабочување на односите меѓу Русија и Северна Кореја, денес започнуваат директни патнички летови меѓу Москва и Пјонгјанг, што претставува прва редовна авионска врска меѓу двата главни града по речиси три децении. Според руски воздушни блогови, оваа новина доаѓа по обновувањето на железничката патничка линија меѓу двете земји во јуни и означува прво вакво поврзување од средината на 1990-тите.
Руската сојузна агенција за цивилно воздухопловство „Росавијација“ ѝ даде одобрение на една домашна авио-компанија за летови на релација Москва–Пјонгјанг двапати неделно, но според агенцијата „Ројтерс“, првично тие ќе се одвиваат само еднаш месечно, додека не се воспостави стабилна побарувачка.
Односите меѓу Русија и Северна Кореја значително се зацврстија последниве години, особено поради меѓународната изолација со која се соочува Москва поради инвазијата на Украина. Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, на состанок со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 12 јули, изјави дека Пјонгјанг „безусловно“ ја поддржува Русија во војната.
Во текот на конфликтот, воената соработка меѓу двете држави се интензивираше, вклучувајќи испораки на оружје и испраќање севернокорејски војници во поддршка на Русија. Во јуни 2024 година, Москва и Пјонгјанг потпишаа одбранбен договор со кој се обврзаа на взаемна воена помош во случај на надворешен напад.
Официјални коментари за воведувањето на новата авионска линија засега нема, но аналитичарите сметаат дека овој потег е дел од пошироката геополитичка стратегија на двете земји за зајакнување на соработката и испраќање јасна порака за нивната сплотеност пред Западот.