Рускиот парламент објави конкурс за најдобра рап-песна.
Ваквиот потег следи откако претходно десетина настапи на рапери беа откажани, по предупредувањата на официјалните лица кои тврдат дека промовирале погрешни вредности.
Најмалку тројца музичари неодамна беа притворени бидејќи, според руските закони, изведувачите може да се соочат со парични казни и други форми на одговорност поради непристојност за време на нивните настапи.
Преку симболичен гест на помирување, Државната дума најави дека ќе организира натпреварување за најдобра рап-песна на тема патувања во Русија. Победникот, според зборовите на пратеникот Михаил Дегтјарев, ќе освои патување низ руските градови.
Властите во Русија деновиве презедоа чекори во насока на надминување на проблемот. Државната дума минатата недела беше домаќин на тркалезна маса со дел од најпопуларните музичари во земјата. Во средата претседателот Владимир Путин побара да се испита зошто настапите на раперите се откажани.