Јавниот обвинител, Љубомир Јовески на денешната прес конференција, соопшти дека поседува доволно вербални и материјални докази за постоење основано сомневање дека специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева извршила злоупотреба на службената должност и заради тоа проширена е истрагата и против неа. Јовески потврди дека обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, од судот ќе побара одредување мерка притвор за Јанева.
Јовески додаде и дека обвинителството поседува докази дека Катица Јанева од осомничените во случајот “Рекет”, за помошта која ја дала за нивното ослободување од притвор, добила награда – мебел во износ од 298 000 денари, додека претходно осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец во два наврати од Орце Камчев земале сума во износ од 1,5 милион евра.
„Еден од осомничените, (Боки 13 н.з.), со влијание врз Јанева врз база на претходно изградено блиско пријателство, влијаел врз неа за таа да преземе недозволени дејствија, за едно лице (Орце Камчев н.з.), да му се олесни притворот, да му се замени со куќен притвор, да предложи во СЈО, спогодба за вина со плаќање на отштета и враќање на пасошот“, рече Јовески, поткрепувајќи го ова фактографски со датуми и активности потоа со кои се реализирани сите овие ветени олеснувања, до едно.
Двајцата, за да го убедат осомничениот Камчев дека Јанева има влијание, преку спикерфон од телефонот добиле нејзина потврда пред Камчев дека ветувањата за олеснувањата ќе бидат извршени од неа.
По ова, сопругата на Орце, Ана Камчева му платила на посредникот Јовановски првин 500.000 евра, а потоа Камчев од куќен притвор, рече Јовески, уште милион евра.
Нема ниедна индиција дека платните средства завршиле кај кој било политичар од нашата држава, рече Јовески.
Прашан што ќе се случува со СЈО ако на Јанева ѝ биде одреден притвор, Јовески кажа дека според законите Советот на јавни обвинители треба да констатира дека специјалната обвинителка е спречена да извршува функцијата и да именува в.д. од редот на обвинителите од СЈО.