Претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, синоќа ја претстави својата кандидатура за градоначалник на општина Шуто Оризари.
„Стојам пред вас со чувство на гордост и благодарност. Шуто Оризари е единствената општина во светот што ја води ромската заедница, место каде секој камен ја прераскажува нашата историја, култура и непокорлив дух. Денес заедно одлучуваме за иднината – за чесно и одговорно управување со нашата општина,“ порача Салиу пред присутните граѓани.
Тој најави дека неговиот приоритет ќе биде унапредување на инфраструктурата со асфалтирани улици до секое домаќинство, проширен водовод и канализација, поставување на LED улично осветлување и изградба на безбедни пешачки патеки. Меѓу плановите се и изградба на нови социјални станови за семејствата што со години чекаат покрив над глава.
„Особено ќе вложиме во образованието и културата со изградба на современо основно училиште, поддршка за културните установи и создавање услови младите да ја негуваат ромската традиција, додека стекнуваат знаење според најновите стандарди,“ рече Салиу.
Програмата вклучува и формирање мобилен здравствен тим, комплетна реконструкција на амбулантата, изградба на дом за стари лица и создавање Фонд за поддршка на ранливите семејства.