Американската морнарица ќе почне да ги придружува нафтените танкери низ Ормускиот Теснец со цел да се обезбеди нивно безбедно минување по серијата ирански напади врз бродови и енергетска инфраструктура во Персискиот Залив, објави „Скај њуз“.
Поради ескалацијата на нападите, цената на нафтата во четвртокот порасна над 100 долари за барел, додека акциите на светските берзи забележаа пад.
Информацијата ја потврди американскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за „Скај њуз“, истакнувајќи дека придружбата на бродовите може да започне веднаш штом тоа ќе биде воено изводливо.
„Верувам дека американската морнарица, штом тоа биде возможно, ќе почне да ги придружува пловилата низ теснецот, можеби и во рамки на меѓународна коалиција“, изјави Бесент.
Тој додаде дека теснецот засега не е блокиран и дека танкерите продолжуваат да минуваат низ него, меѓу кои и ирански бродови, како и пловила под кинеско знаме, што, според него, укажува дека пловниот пат не е миниран.
Најавата доаѓа во момент кога новиот ирански врховен лидер Мојтаба Хамнеи сигнализира дека блокадата на овој стратешки морски премин може да ја искористи како средство за притисок врз САД и Израел. Во обраќање до јавноста тој најави одмазда за американско-израелските напади, порачувајќи дека Иран „нема да се воздржи од одмазда“ за крвта на своите „маченици“.
Во меѓувреме, нов бран израелски напади го погодил Бејрут.
Цените на нафтата пораснаа и покрај најавата од претходниот ден дека развиените земји ќе пуштат на пазарот околу 400 милиони барели нафта од своите стратешки резерви, од кои речиси половина ги обезбедуваат САД.
Во интервјуто Бесент откри и дека воениот конфликт досега ги чинел САД околу 11 милијарди долари. На прашањето дали постои цена поради која би се спротивставил на претседателот Доналд Трамп и би рекол дека САД повеќе не можат да си го дозволат конфликтот, тој одговори дека таква граница не постои.
Американскиот министер за енергетика Крис Рајт претходно изјави дека придружбата на танкерите ќе се случи „релативно брзо“, но дека Вашингтон засега не е подготвен веднаш да ја започне таа операција.
Бесент нагласи дека за економијата не е пресудна само цената на нафтата, туку колку долго таа ќе остане на високо ниво.