Samsung официјално потврди дека работи на развојот на новата генерација на својот паметен прстен – Galaxy Ring 2, а првите информации најавуваат значајни подобрувања и можност за поширока компатибилност со различни уреди.
Во интервју за „Forbes“, Хон Пак, виш потпретседател и директор на тимот за дигитално здравје во Samsung, откри дека Galaxy Ring 2 веќе е во развој. Иако не прецизираше кога ќе биде претставен, ниту кои функции ќе ги добие, тој истакна дека најголемата предност на новиот уред ќе бидат софтверот и услугите што ќе ги нуди.
Според него, денешните паметни прстени користат слични сензори, па вистинската разлика меѓу производителите се создава преку софтверските можности и начинот на кој се обработуваат податоците.
Пак нагласи дека Samsung не сака да создаде уред што ќе прави сè, туку развива поврзан екосистем од уреди, кој ќе им овозможи на корисниците сами да изберат што најмногу им одговара.
Особено внимание привлече неговиот одговор на прашањето дали Galaxy Ring 2 ќе биде компатибилен и со iPhone. Наместо директен одговор, тој само се насмевна и порача дека корисниците „ќе бидат многу задоволни од претстојните новости“, што се толкува како можен сигнал дека Samsung конечно ќе понуди поддршка и за уредите на Apple.
Актуелниот Galaxy Ring најдобро функционира со телефоните од серијата Galaxy, а иако поддржува повеќето современи Android-уреди, дел од функциите остануваат ексклузивни за екосистемот на Samsung. Доколку новата генерација навистина добие поддршка за iPhone, тоа би претставувало една од најголемите промени на пазарот на паметни прстени.