Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, која во изминатите девет месеци повеќепати обезбедуваше поддршка и логистика за семејствата на загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“, денеска присуствуваше на седницата на Постојаната анкетна комисија во Собранието. Седницата се одржува по претставка поднесена од родителите на жртвите, а на неа присуствуваат и државниот врв — претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието Африм Гаши.
Во еден од најемотивните моменти на расправата, претставникот на „Супорт Кочани“, Иван Ивановски, реагираше на барањето за едночасовна пауза од страна на дел од пратениците.
Во своето обраќање, кое го пренесуваме дословно, Ивановски рече:
„Прво да ве прашам дали одморивте, како се викавте, Иванка, Ивона… не ве гледам, тука седеше, излезе ли? Како не ви е срам? Тука пред нас од Кочани вие се препукувате! Расправата уште не ни почнала, вие барате пауза од еден саат! А бе ние за еден саат цела веб-страница направивме од ‘Сапорт Кочани’ за да помогнеме! Знаете ли што значи еден саат?“
Реакцијата следеше по кратката дебата во која пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ им порача на родителите дека биле „злоупотребени и искористени“ од претседавачот на Комисијата, Димитар Апасиев, и ги покани да дојдат во нејзината канцеларија за време на можната пауза. Родителите ја одбија поканата, а Василевска ја напушти салата.
Ивановски продолжи со критика за, како што рече, политизирање на процесот и обид за одолговлекување:
„Стварно ќе кажам, ако ова е за некој само уште една политичка активност, тогаш подобро и да не учествувате. Ова одолговлекување ќе биде само опструкција на работата, а ние тука ќе бидеме тоа јавно да го кажеме, за тоа сме тука. Нема да дозволиме вакви работи. Пауза, ајде утре, ајде дискусии по еден саат ќе зборуваме?! Родителите девет месеци немаат спиено тука! Пауза ќе барате!? Ние девет месеци не сме направиле пауза, а волонтерски работиме! А вие сте платени тука. Нас на кондиција нема да не фатите, колку дена и да треба да биде, шо и да треба, ќе го направиме ова за Кочани! Родителите си стојат на ставот и ја сфаќаат поентата на расправата, дека ова е за јавноста да се дознае вистината, да не се шушка зад врати и дека не може да се изманипулира. И пак ќе повторам уште еднаш, ова не е прашање за политика, ова е прашање за животот во Кочани, тие што останавме ние во Кочани.
Кога беа амбасадите ни кажаа дека од паралелка од 20 деца во Кочани 18 деца сакаат да се иселат од Кочани. Само ќе кажам дека ние сме последната генерација што може да сменат нешто и да знаете дека ние од ‘Сапорт Кочани’ нема да се откажеме и ќе се бориме до крај.“