Од партијата признаваат и се свесни дека јавноста е разочарана од случајот „Рекет“ и од специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, од која се очекувало да ја донесе правдата, но дека премиерот Зоран Заев го пријавил случајот во Обвинителството и велат дека доколку целосно се процесира случајот, тој ќе придонесе за добивање датум за преговори со земјава.
Извори од партијата велат дека постои напредок во преговорите за донесувањето на Законот за ОЈО, со кој би се регулирал статусот на СЈО и дека нема да прифатат никакви уцени со предвремени избори за опозицијата да гласа за донесување на законот. Од владејачката партија има оптимизам да дојде до договор, без да се поминат црвените линии.
Дури и ако не се постигне договор за овој закон, велат од владејачката партија, тој ќе се гласа во Собранието на 10 септември. Во тој случај, доколку законот не биде изгласан, според партијата, Советот на јавните обвинители треба да назначи в.д. специјален јавен обвинител, а се очекува сегашното СЈО до септември 2020 година да сака да ги забрза сите предмети со цел да се завршат. Високи партиски извори ја исклучуваат секоја можност предметите и актуелните истраги на специјалното јавно обвинителство да пропаднат, но имаат и забелешка дека голем дел од предметите досега се движи со бавно темпо и со опструкции и тоа не смее повеќе да продолжи.