Новинарката Андријана Јовановска сподели фотографија со музичката легенда Тоше Проевски. По повод 16 години од трагичната несреќа кај Нова Градишка, сподели неколку заеднички моменти поминати со него. Во објавата, раскажува и за првото интервју во март 1999 година, направено во Универзална сала.
„Јас, дебело дете од 21 година со сомнителна боја на косата и уште пострашни веѓи. Тој детуле со бар 2 броја поголем костум. Прва средба: Влегувам во бекстејџ, среде концертот на Владо Јаневски, на кој Тоше беше специјален гостин. Додека чека да излезе на сцената, ја пробува „Сонце во твоите руси коси“ со Роберт Пирнер. Тоше пее, Роберт свири на гитара. Се гледа дека им е прва проба по начинот на кој Тоше му кажува како да ја отсвири песната и каде да направи пауза.
„Ѕвезди се кријаааат вооооо (и тука правиш пауза) твоите оооочииии“, објаснува тој.
Тогаш првпат го слушнав како пее во живо. Јас + купот манекенки, кои на концертот имаа ревија, оти „Мак Џинс“ во тоа време му беше спонзор на Владо. Не тргнаа поглед од Тоше. Се буцкаа, коментираа, се смешкаа. А тој, седнат на „школска“ расклатена клупа зад сцената, пее ли пее, и се прави дека не ги приметува. Не се сеќавам на муабетот што го правевме, но го памтам секој друг детаљ од таа прва средба. И бојата на гласот додека пее. Ми одѕвонува и денес во глава. Ко да не поминале скоро 25 години...“, напиша Јовановска.