Уредничката на Истражувачка репортерска лабораторија, Сашка Цветковска, информираше дека по пет години, како што наведе, „стратегиско малтретирање“, денеска се одржало последното рочиште во судскиот спор со бизнисменот Кочо Анѓушев. Одлуката на повисокиот суд, според неа, ќе биде соопштена на 25 февруари.
Цветковска тврди дека Анѓушев и на денешното рочиште демонстрирал агресивен однос и ароганција, како кон Судот, така и кон новинарите и институциите. Според нејзината објава, тој се поистоветил со македонската економија, изјавувајќи дека „економијата, тоа сум јас“, а новинарите ги нарекол „ловци на авантуризам“ кои, според него, нанесуваат трајна штета врз економијата.
“По пет години стратешко малтретирање, денеска го имавме последното рочиште со господинот Кочо Анѓушев. Одлуката на повисокиот суд ќе ја знаеме на 25 февруари. Не пропушти да ја демонстрира агресивно неговата ароганција и надменост и кон Судот и кон новинарите, а богами и кон самата држава. Тој самиот се поистовети со македонската економија од типот ,Економијата, тоа сум јас’, а нас не нарече ловци на авантуризам кои што прават трајна штета врз македонската економија. Истакна и дека тој работел строго во духот на екологијата, па во тој манир ги спомена и проектите во соларната и хидро енергија. Нека кажат жителите на Преспа дали имаат реки после неговите ,еколошки проекти’. Неговата адвокатка и поранешна министерка за правда Мери Младеновска, пак, смета дека слободата на говор е лошо да е ограничена, ама полошо од ова биле апсолутно слободни медиуми. И да, се дереше и на ова судење”, напиша Цветковска
Анѓушев го тужи ИРЛ за клевета за една од нивните стории.
Скопје1 испрати прашања до ПР тимот на Анѓушев, но досега немаме одговор.