Се излеа Крива Река во Крива Паланка, а општината синоќа повика на смиреност.
Центарот за управување со кризи(ЦУК), соопшти дека Осички Мост, мост на Трновска река и Шаров Мост се превентивно затворени.
„Се повикуваат на смиреност граѓаните, службите од општината се на терен, се преземаат сите мерки, состојбата е под контрола. Поради обилните врнежи дојдено е до поголемо излевање на повеќе долови, Домачки Дол, Куков Дол, Киселичка река, а надојдените водотеци, долови и буици предизвикаа излевање на Крива Река. Се повикуваат сите граѓани да останат смирени и крајно внимателно да се однесуваат и да постапуваат, особено во реонот по десниот брег на течение на Крива Река, како и во реоните каде што има појава на свлечишта и граѓаните да не ги користат пешачките мостови на Крива Река“, соопштија од Општината на нивниот официјален Фејбук профил.
Сите настанати штети, но и состојби од терен со излевање или појава на свлечишта да се пријават кај лицето за контакт од Општина Крива Паланка, Даниела Велковска, на тел. 075 229 000, велат од општината.
Времето во Македонија денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. На места врнежите ќе бидат пообилни, особено во источните делови, каде ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утре претпладне ќе имаме претежно облачно време со локални врнежи од дожд, попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, а претпладне на места засилен северен ветер.