Неодговорното однесување и натаму ќе го зголемува бројот на заразени луѓе низ цела држава, оценува Сашо Точко, директор на Центарот за јавно здравје-Охрид. На кејот на Охридското Езеро гужва има од рано утринава. Поради тоа, тешко се одржува и задолжителната дистанца од два метри. Директорот на Центарот за јавно здравје – Охрид, за „А1он“ вели дека безпотребното излегување од дома, неносењето маски, не сведувањето на контактите на минимум ќе донесат поголем број на заболени во целата држава.
„Без сведување на контактите на минимум, излегувањата по кафеани и ресторани, вирусот ќе се шири. Ако се почитуваат мерките кои се донесени, сега немаше да го имаме овој број на заболени. Охрид е меѓу градовите кој двојно, тројно ја има зголемено бројката во последните 15 дена“, вели Точков.
Тој посебно напоменува дека треба да се има во предвид дека во последните две недели, забележително е криење и на контактите кои заразените со коронавирусот ги имале, а не ги споделиле со епидемиолозите. Според Точков, тоа е уште еден од ризиците на ширење на вирусот.
„Многу е ризично и проблематично ова што ни се случува последните 15 дена. Голем број на заразени ги кријат контактите. Голем број од анкетираните не ја почитуваат изолацијата, не се искрени ниту во наведување на контактите од најразлични причини. Има случаи и кога лица наведени како контакт на заразени со коронавирус, наместо во изолација, шетаат надвор. Имаме проблем и со тестирањата. На пример, суспектен случај од друг град, во понеделник закажува термин за тестирање во среда. Додека да дојде терминот за тестирање, тој нашол друг начин да се тестира, преку општа болница или на приватно. Но, не го откажува терминот и тој се губи, бидејќи е зафатен и не може друго лице да се тестира“, потенцира Точко.
извор: „А1он“