Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борељ денеска изјави дека блокот од 27 земји-членки на ЕУ нема да ги признае резултатите од претседателските избори во Венецуела, на кои двајцата кандидати прогласија победа, додека не се објават деталните резултати и записниците.
„Бараме итен пристап до записниците од избирачките места. Се додека не се објават и проверат, резултатите од изборите кои се објавени не може да се признаат“, изјави Борељ при посетата на Виетнам.
Најмалку едно лице загина во демонстрациите што избувнаа вчера во Венецуела по најавата на националното избирачко тело за победата на Мадуро, кој на тој начин ќе добие трет претседателски мандат, додека опозицијата тврдеше дека може да ја докаже победата на својот кандидат.
Според официјалните резултати, Мадуро (61) е реизбран за трет шестгодишен мандат со 5,15 милиони гласови или 51,2 отсто, додека опозицискиот претседателски кандидат Едмундо Гонзалес Урутија (74) освои нешто помалку од 4,5 милиони гласови или 44,2 отсто.