Ден по смртоносниот судир на јапонски патнички авион и авион на крајбрежната стража на аеродромот Ханеда во Токио, властите денеска започнаа истрага за несреќата.
Јапонскиот одбор за безбедност на транспортот (JTSB) и владината агенција одговорна за големи несреќи во кои учествуваат авиони, бродови и возови, почна да ги истражува јагленосаните остатоци, објави денеска јапонската новинска агенција „Кјодо“.
Сите 379 патници на патничкиот Ербас А350 успеале да побегнат од запалениот авион без поголеми повреди, но пет патници од Бомбардиер ДХЦ8-300 загинале, а само капетанот бил спасен, но со тешки повреди. Пожарот на Ербасот бил изгаснат само осум часа по падот.
Помалиот авион превезувал помош за преживеаните од серијата разорни земјотреси што ја погодија Јапонија на првиот ден од годината, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени. Загинаа 62 лица.
Japan Airlines (JAL) соопшти дека „ќе соработува целосно со истрагата за овој немил настан“. Ербас ќе обезбеди и техничка помош на властите во истрагата. Авионот А350-900 беше стар само две години.
Сите писти на најпрометните јапонски аеродроми беа затворени на денот на несреќата, но оттогаш се повторно отворени, освен онаа каде што се случи несреќата. JAL откажа повеќе од 40 летови од Ханеда во средата, а All Nippon Airways исто така откажа десетици летови на аеродромот.