Седум жртви , од кои пет деца и две жени загинаа при потонувањето на брод со мигранти во Егејското море , соопшти денеска грчката крајбрежна стража.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, во морето биле пронајдени седум тела, меѓу кои четиригодишно дете и едно бебе, три деца и две жени, а спасени се 12 лица -пет мажи, три жени, три мали деца до шест години и едно 12-годишно дете.
И понатаму продолжува спасувачка акција во која учествуваат бродови на грчката крајбрежна служба, брод и авион на Фронтекс и хеликоптер на грчката воена морнарица.
Чамецот во кој имало околу 19 лица утрово, од засега непознати причини, се преврти северно од островот Инусес, што се наоѓа меѓу грчкиот остров Хиос и турското крајбрежје.
Стотици мигранти и бегалци загинаа во последните години, обидувајќи се да го преминат Егејското Море во претоварените мали бродови. Повеќе од 50 се удавиле од почетокот на оваа година, објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ).