Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска по посетата на Клиниката за неврологија, во рамки на комплексот на клиники „Мајка Тереза“, во Скопје одговараше на новинарски прашања. На прашањето може ли да го искоментирате потегот на Алијансата, каде на нејзината веб страна наместо македонскиот јазик стоеше знаменце? Имајќи го предвид фактот дека лани во јули, кога имаше напишано македонски јазик, Социјалдемократскиот сојуз го поздрави ова и го оцени како признавање на македонскиот јазик и идентитет?
Премиерот Заев вели:
Добро, меѓународните институции го признаваат македонскиот јазик и идентитет и верувам дека со дописот кој што го испративме ќе го коригираат тоа. Некој пат се случуваат грешки. Веројатно и во делот на формулацијата, за сите е новина и за меѓународната заедница исто така е новина, сето тоа што се случува во делот на Северна Македонија и новото име на нашата земја, кое што се надевам ќе биде во функција по гласањето во грчкиот Парламент, затоа што, самото користење и на новото име е различно од идентитетските прашања кај нас, како што сме Македонци, кои што зборуваме македонски јазик, а ќе бидеме од Северна Македонија. Треба јасно да се разграничи. Постојат веќе формулирани, готови протоколи како тоа се објаснува на сите, за да можат меѓународните организации да бидат свесни. Знаете дека и писмо треба да испрати нашата земја, до сите 193 земји-членки на Обединетите нации, веднаш по Ратификацијата на Протоколот. А и во тоа писмо ќе бидат објаснети сите аспекти на употребата на новото име, истакна Заев.