Првиот нудистички ресторан во Париз беше принуден да ги затвори своите врати 15 месеци по отворањето бидејќи не успеа да привлече доволно клиенти. Ресторанот O’Naturel, кој се наоѓа во центарот на Париз, ќе ги затвори своите врати трајно во февруари, објави „Дејли мејл”. Првиот таков ресторан беше отворен во ноември 2017 година.
„Ќе се сеќаваме само на убави времиња, дека запознавме прекрасни луѓе и клиенти кои беа воодушевени да ја споделуваат својата интимност со нас“, рекоа сопствениците на ресторанот.

Близнаците Мајк и Стефан (42) одлучија да отворат нудистички ресторан, иако никогаш не биле нудисти. Тие рекоа дека ја препознале можноста за бизнис во земјата која е една од првите дестинации за нудисти. За разлика од плажите, овој ресторан им нуди на луѓето можност да бидат голи во текот на целата година.
На тој начин гостите ги оставаа своите алишта и телефони по пристигнувањето во ресторанот, а од персоналот добиваа влечки за влез во ресторанот. Жените, од друга страна, можеа да останат во своите високи потпетици.
Сепак, по само 15 месеци работа, ресторанот е принуден да ги затвори вратите.