Министерството за надворешни работи соопшти дека презема активности за пренесување на посмртните останки на Душко Чифлиганец, кој вечерта на 3 август им подлегна на повредите здобиени во тешка мотоциклистичка несреќа во Чешка. Несреќата се случи на 2 август, кога Чифлиганец, управувајќи мотор, паднал, по што бил пренесен во болница во критична и тешка здравствена состојба.
„Дипломатско-конзуларното претставништво во Прага е во постојана комуникација со семејството на починатиот, со цел завршување на формалните постапки и организирање на пренесување на телото во Република Северна Македонија“, велат од МНР.
Чешката полиција пак работи на расчистување на случајот, како и околноста, како Чифлиганец паднал од моторот, но и кога и како реагирала Брзата помош распоредена на професионалната патека Брно. Детали не се споделуваат, освен со Амбасадата на Македонија и семејството.
Починатиот Душко Чифлиганец беше заменик-претседател на групацијата „Адора“, син на бизнисменот Ванчо Чифлиганец, активен хуманитарец и мото-ентузијаст кој редовно учествуваше на мото трки. Веста за неговата смрт ја потресе деловната заедница, мото-клубовите и пошироката јавност.