Главната добивка од три милиони евра извлечена на белгиската национална лотарија ја освои група од 77 жители на градот Борнем, кои заеднички направиле уплата, така што секој од нив ќе добие по 39.000 евра, пренесуваат денешните белгиски медиуми.
Откако било најавено дека „џекпотот“ ќе изнесува толкава сума, локалните жители кои купуваат тикети во продавницата за весници Летертрап се здружиле и формирале група во која секој вложил по 15 евра, пренесе телевизијата VRT.
Сопственикот на Летертрап, Џоел Вербек, раскажал дека веќе 20 години игра лото, но никогаш претходно не ја освоил главната награда.
Извлекувањето се одржало в петок навечер, а Џоел во сабота наутро дознал дека нивната група имала шест точни погодока.
„Многу сум среќен што нас 77 ни се случи да освоиме главната награда од над три милиони евра. Не можам да поверувам. Тоа значи дека секој од нас ќе добие по 39.271 евра“, рекол тој.
Тој не сакал да го открие идентитетот на учесниците, иако мештаните биле љубопитни да дознаат кој ја освоил добивката.
„Веднаш ги известив сите добитници, додавајќи дека најмногу ми е драго што успеав да им донесам радост на 77 луѓе. Еден од добитниците ми рече дека целата добивка ќе ја подели на децата и внуците, но дека малку ќе задржи и за себе“, рекол Џоел.
„Петок, 13 март, ќе биде секогаш ден што никогаш нема да се заборави во Борнем“, заклучил Џоел.