Идниот воен претставник на земјава во НАТО во Брисел, како и военото аташе во Париз, веројатно, ќе ги постави новиот шеф на државата и врховен командант по изборите што завршуваат во мај. Дотогаш овие две места ќе бидат празни, како што беа и во изминатите месеци, сè додека претседателот во заминување Ѓорге Иванов по распишувањето на изборите не реши да ги потпише указите и да ги пополни испразнетите позиции. Сепак, наследникот на Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе го имаат одлучувачкиот збор дали во Брисел и во Париз ќе заминат поранешниот аѓутант на Иванов - бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и полковник Марио Јуришиќ.
Во екот на предизборието Иванов кој, веројатно, веќе ги пакува куферите за заминување од претседателската резиденција, се најде на „тапет“ во Антикорупциската комисија. Како што до скоро беше обвинуван дека го прекршува Уставот, со апсолутното вето за законите за јазици и за ратификација на Преспанскиот договор, сега е „осомничен“ за прекршување на законите за избори и за спречување корупција, кои предвидуваат соодветни ограничувања во однос на кадровските поместувања, социјалните трансфери и располагањето со државни ресурси од денот на распишувањето на изборите до нивното завршување.
Од Министерството за одбрана велат дека вицепремиерката Шекеринска нема да ги потпише решенијата за испраќање на двајцата воени претставници. Антикорупциската комисија, пак, отвори постапка за одлуките на Иванов што беа објавени во „Службен весник“ минатата седмица.
Антикорупциската комисија ќе бара информации од кабинетот на претседателот и од Министерството за одбрана за извршените именувања. Покрај именувањата на Ѓорговски и Јуришиќ, Иванов неодамна потпиша и неколку унапредувања и рокади во рамки на армијата. Така, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски го унапреди во генерал-потполковник, Драган Ковачки стана командант на Првата механизирана пешадиска бригада, а Бесник Емини началник на штаб во Здружената оперативна команда. Упатените велат дека за унапредувањата во чинови во делот на армијата кој не е под капата на Министерството, Шекеринска нема надлежности, но затоа, пак, може да го стопира испраќањето на воени претставници во странство.
Според правилникот на Министерството за одбрана за упатување на лица на должности во меѓународни мисии, министерот за одбрана донесува решение во кое точно се наведува денот на стапување на позицијата и времетраењето на мандатот. Од Министерството за одбрана велат дека во предизборниот период нема да ја продолжат процедурата за упатување на Ѓорговски и Јуришиќ во странство.
Повеќе на Независен.мк