Хрватскиот заменик-премиер и министер за одбрана Дамир Крстичевиќ, кој престојува во посета на земјава, како историски успех за Македонија го означи утрешното потпишување на Протколот за пристапување во НАТО од страна на земјите членки во Брисел.
Тој кажа дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува земјата на европскиот и евроатлантскиот пат со пружање на сето хрватско знаење и искуство.
– Хрватска и Македонија се пријателски земји, имаат извонредна одбранбена соработка, земјите се заедно во А5-иницијативата во рамките на која имаат извонредна соработка и заеднички подготовки на нашите војници за учество во мировни мисии, изјави Крстичевиќ.
Министерката Шекеринска истакна дека Крстичевиќ доаѓа во вистински момент поточно пред утрешното потпишување хрватскиот министер за одбрана доаѓа во посета на Македонија.
– Колегата Крстичевиќ има одличен тајминг. Пред една и пол година првпат се сретнавме за да им честитаме на нашите црногорски колеги за членство во НАТО и тогаш и од него и од другите министри за одбрана во регионот ја добив истата порака дека ја очекуваат Македонија како следна. Но, пред една и пол година беше тешко да се биде оптимист. Имаше премногу причини да сметаме дека по една изгубена декада работите ќе одат тешко, рече Шекеринска и додаде дека Хрватска во тој период и дала голема поддршка на Македонија и во воена и во политичка смисла.
Шекеринска по средбата рече дека очекува Хрватска многу брзо да ја поддржи ратификација за членството на Македонија во Алијансата.