Обвинетиот Трајко Бојковски од Драгоманце денеска во Основниот суд во Куманово призна дека извршил три убиства на жени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година во повеќе села во Општина Старо Нагоричане.
Неговиот исказ пред судот бил конфузен, а на повеќето прашања одговарал само со „да“ или „не“, поради што било тешко да се утврди што точно потврдува, а што негира. Во текот на рочиштето неколкупати го менувал исказот за делови од обвинението и за мотивите за делата.
Според обвинението, Бојковски убил четири жени и се обидел да убие уште две, а делата ги сторил од ниски побуди. На почетокот од судењето тој негирал дека ги убил Станче Каревска од Клечовце и Јанка Антевска, додека подоцна давал поинакви одговори. Во однос на мотивите, денеска рекол дека делата ги извршил поради пари, што се разликува од неговите претходни искази пред обвинителството.
Бојковски во судницата изразил каење за делата.
Обвинителот Љубомир Лапе изјави дека обвинетиот претходно ги признал кривичните дела пред јавниот обвинител и дека за нив постојат и други материјални докази.
„Мислам дека самиот не знаеше кое конкретно кривично дело го негира, а на сите вкрстени прашања одговори потврдно“, рече Лапе, додавајќи дека начинот на одбрана е право на обвинетиот.
На рочиштето бил сослушан и психијатарот Стојан Бајрактарев, кој застанал зад наодите од вештачењето. Според него, обвинетиот бил пресметлив при извршувањето на делата, а во текот на вештачењето давал одговори и описи на одредени дејствија, иако не бил директно прашан за нив.
Вештакот оценил и дека Бојковски можел да препознае опасност, да реагира и да избега. Одбраната побарала да му биде обезбеден логопед или толкувач поради проблемите со говорот, но предлогот бил одбиен. Според вештакот, обвинетиот го разбира македонскиот јазик и може да воспостави комуникација, додека ограничениот фонд на зборови се должи на неговата недоволна образовна подготвеност.
Вештакот исто така оценил дека Бојковски треба да биде сместен во казнена установа, а не во здравствена установа, како што предложила одбраната.
Според обвинението, мотивот за делата е поврзан со некрофилија. Наводите се дека Бојковски ги познавал жртвите, кои главно биле постари и немоќни жени, ги напаѓал, ги удирал и ги давел, а потоа сексуално ги злоупотребувал нивните тела.
Доколку биде прогласен за виновен за намерно убиство на повеќе лица, согласно член 123, став 3 од Кривичниот законик, му се заканува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Завршните зборови во постапката се закажани за 6 октомври.