За скопската градоначалничка фотелја веќе се најавени седум кандидатури – шест од партиски редови и една независна. Изборната трка се очекува да биде жестока, со многу аргументи, програмски понуди, но и дезинформации.
ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи со актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. СДСМ ја кандидира потпретседателката на партијата и поранешна министерка за животна средина, Каја Шукова. Левица ќе оди со пратеникот Амар Мециновиќ. Коалицискиот партнер во Владата, партијата Вреди, го кандидира Башким Бакиу, директор на Дирекцијата за општи услуги во Клиничкиот центар Скопје. Европскиот фронт на албанските опозициски партии ќе настапи со Скендер Реџепи Зејд, пратеник и лидер на Народното движење.
Од граѓански иницијативи настапуваат „Независни заедно“, поддржани од Шанса за Центар, Зелените за Гази Баба и Групација 389, со кандидатурата на професорот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ. Како независен кандидат се пријави и професорот по дизајн на Европскиот универзитет, Александар Рашковиќ, кој ја доби поддршката од ТМРО.
Списокот сè уште не е затворен – рокот за пријавување е 13 септември, што остава простор за нови кандидатури, а за учество на ливчето за градоначалник доволни се само два потписа. Првиот круг на локалните избори е закажан за 19 октомври, а евентуалниот втор круг на 2 ноември.