Судот во Загреб донесе првостепена ослободителна пресуда за хрватската пејачка Северина Вучковиќ, која беше обвинета за наметливо однесување кон поранешната директорка на Поликлиниката за заштита на деца и млади, Гордана Буљан Фландер, и директорката на основно училиште, Љиљана Клингер.
Иако Обвинителството бараше условна казна затвор од десет месеци, судот оцени дека по изведените докази не е сторено кривичното дело што ѝ се ставаше на товар.
Пресудата беше донесена откако Северина минатата недела ја изнесе својата одбрана, ја отфрли вината и одби да одговара на прашања од обвинителството.
Според хрватските медиуми, судот заклучил дека нејзините постапки не претставуваат кривично дело за кое беше обвинета, туку евентуално би можеле да бидат предмет на приватна тужба.
Дали Обвинителството ќе поднесе жалба, ќе биде познато по приемот на писменото образложение на пресудата. Доколку повисокиот суд ја потврди ослободителната пресуда, судските трошоци ќе ги сноси државата.
Постапката против Северина траеше три години и се водеше зад затворени врати поради заштита на малолетното дете. Случајот беше поврзан со долгогодишната правна битка за старателството над нејзиниот син.