Шкендија со убедлива победа од 4-1 против Башкими во Гостивар се врати на победите по двете последователни ремија во Првата македонска фудбалска лига.
Тетовци го отворија резултатот во 15. минута преку Ндзенгуе, кој ја затресе мрежата по асистенцијата од Тамба. Башкими успеа да израмни пред паузата. Во 40. минута Рибеиро изведе слободен удар и ја испрати топката во шеснаесетникот, каде што Фатих Исмаили се снајде најдобро и погоди за 1-1.
Шкендија повторно поведе веднаш на почетокот на вториот дел. Во 46. минута Трумчи продре по десната страна и додаде до Красниќи, чиј удар го одбрани голманот на Башкими, но Кријезиу ја проследи акцијата и ја врати предноста на тетовскиот тим.
Башкими можеше повторно да израмни во 51. минута, кога Јонузи ја погоди стативата. Сепак, Шкендија продолжи да го контролира натпреварот и во 71. минута стигна до трет гол. Тамба се најде сам во шеснаесетникот и реализираше за 3-1.
Конечниот резултат го постави Трумчи во 87. минута. По акција од левата страна, голманот ја одби топката пред Тамба, но Трумчи беше на вистинското место и ја испрати во мрежата за убедливи 4-1.
Со оваа победа Шкендија стигна до 19 бодови и останува на врвот на табелата, додека Башкими е деветти со четири бода.
По паузата поради репрезентативните обврски, Шкендија на 9 октомври ќе гостува кај Шкендија Арачиново, додека Башкими истиот ден ќе ја пречека Струга.