Австриската банкарска групација Steiermärkische Bank und Sparkassen AG, матична банка на Шпаркасе Банка Македонија, официјално најави понуда за преземање на УНИ Банка АД Скопје, со што се отвора можност за ново окрупнување на банкарскиот сектор во Македонија.
Управниот одбор на УНИ Банка на 10 септември добил известување од австриската групација дека има намера да даде понуда за преземање на сите запишани обични акции кои претставуваат 100 отсто од запишаниот акционерски капитал и гласачките права во банката.
Понудата се однесува на сите обични акции со право на глас, по цена од 126,3766353 евра по акција, во денарска противвредност.
Сепак, постапката е условена со добивање повеќе регулаторни одобренија. Покрај согласностите од домашните надлежни институции, потребни се одобрение за концентрацијата од телата за заштита на конкуренцијата во Црна Гора и Србија, како и одлука за одобрување од Европската централна банка.
По добивањето на потребните странски одобренија, преземачот треба да поднесе барање до Комисијата за хартии од вредност за добивање дозвола за понудата за преземање и проспектот.
Во известувањето објавено на Македонската берза се наведува дека, доколку не биде добиено кое било од потребните странски одобренија, намерата за преземање ќе се смета за повлечена и понуда нема да биде дадена.
Ова е уште еден значаен чекор во консолидацијата на македонскиот банкарски сектор. Шпаркасе Банка претходно ја презеде и ја припои Охридска банка, а евентуалното преземање на УНИ Банка би претставувало ново значајно окрупнување на банкарскиот пазар.
Следниот период ќе биде посветен на регулаторните постапки, по што ќе биде познато дали понудата на Steiermärkische Bank und Sparkassen AG ќе биде реализирана.