Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибига, изјави дека по парламентарните избори во Унгарија постојат повеќе приоритетни прашања што треба да бидат решени меѓу двете земји, повикувајќи на отворање на нова фаза на добрососедска соработка.
Тој истакна дека меѓу клучните теми се граничната инфраструктура, процесот на европска интеграција на Украина и прашањата поврзани со членството во Европската Унија. Сибига посочи и дека дел од разговорите се однесуваат на унгарската блокада на пристапниот процес на Украина, како и на санкциите и финансиската поддршка од европските институции.
Украинскиот министер изрази уверување дека двете држави имаат заедничка европска перспектива, оценувајќи дека резултатите од изборите во Унгарија отвораат можности за унапредување на билатералните односи. Тој додаде дека Киев веќе испратил сигнали за воспоставување контакти на високо ниво и дека е подготвен за брз и конструктивен дијалог.
Сибига наведе дека новите политички околности може да придонесат за решавање на повеќе отворени прашања, вклучително и европскиот пат на Украина, како и за зајакнување на економската и инфраструктурната соработка.