На денешното рочиште за случајот „Талир“, за незаконско финансирање и перење пари, на ВМРО-ДПМНЕ, сведочеше бизнисменот Силјан Мицевски од Битола.
Мицевски се појави во судот како сведок на обвинителката Ленче Ристоска. Тој зборувал за рекетирањето од власта кога неговата компанија ќе добиела одреден тендер и како од него било барано како подизведувачи да земе одредени фирми.
– По наредба на премиерот или на генералниот секретар на владата се случувало да ми кажат: Земете го тој и тој подизведувач. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал, на пример, да го вклучам „Трансмет“ за ископ во Битола. Лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. Одамна беше тоа. Сме донирале за ВМРО-ДПМНЕ и индиректно, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме, не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата – рече Мицевски.