Гнев предизвика веста дека Бојан Јовановски-Боки 13 е линчуван во затворот „Идризово“. Тој е оставен без медицинска терапија, не се носи на болнички прегледи, а беше и претепан. Семејството сведочеше дека има хематоми, рани по главата и телото. Меѓу многуте коментари на социјалните мрежи, за малтретирањето на Боки 13 се вели:
„Се срамам што живеам во земја која тежнее кон Европа, за да бидеме европјани со мало е. Додека вака го третирате народот, бетер и од стока, додека страшни криминалци шетаат на слобода, а за болни немате разбирање, емпатија, и додека никој не крева глас за одвратниот третман, за човек кој се мачи како грешен ѓаол, додека никој не трепнува, туку читам само, ситење, одвратни нечовечки коментари, не чекајте овде никаков спас ниту подобар живот. На сите ќе ни дојде на глава, а и пеколот пред врата. Многу сум разочарана, гордоста дека сум Македонка и сонот дека сме посебен народ ми се изгаси“, пишува Виле Шентевска-Шулајковска.
Скоро еден месец, Бојан Јовановски-Боки 13 не добива редовна медицинска терапија, не го носат на прегледи во болница, а кон него се применува нечовечко постапување. Ова е ставот на адвокатот Владимир Туфегџиќ, адвокат на Боки 13 кој побара и прекин на издржувањето на казната поради лошата здравствена состојба во која се наоѓа осудениот.
Од болницата Св.Наум Охридски посочиле дека болеста на Боки 13 е живото загрозувачка, а пак, обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал дал мислење тој да добие условен отпуст доколку има конзилијарно мислење. Сепак, Туфегџиќ посочува дека Кривичен суд не ја сфатил сериозноста на состојбата на Боки 13.
Бојан Јовановски-Боки 13 повеќе месеци е мета на тортура во „Идризово“. Тој најпрво беше префрлен во лоши затворски услови, каде дополнително му се влоши здравјето. Во последниот извештај на Народниот правобранител овие простории се опишани како деградирачки, затворениците спијат на под, меѓу бубашваби. Собите се со влага, а ѕидовите се распаѓаат. За тогашната состојба на Боки 13, Народниот правобранител кажа: „Условите се нехумани, под сите стандарди пропишани со домашното и меѓународното законодавство“ и додаде дека не смее да биде сместен во такви услови. Се бараше преместување, но не се доби. По ова, Боки 13 заврши во болница на лекување.
Тој беше и претепан. Има хематоми по телото и главата. Два дена се носи на болнички испитувања по крвавиот инцидент. На претепувањето не претходеле расправии, а Боки 13 и затворениците кои физички го нападнале, не се познавале од претходно и немале контакти.