Еден родител на дете до 10-години ќе може да отсуствува од работа, а истото ќе му биде платено. Мерката следува заедно со затворањето на училиштата, градинките и универзитетите, а министерот Венко Филипче, потенцираше дека мерката треба да се почитува и да се седи дома, за да децата бидат во домашни услови а не во игротеки.
„Прво да се прекине воспитно-обарзовниот процес во сите основни, средни училишта и градинки во наредните 14 денови. Да се ослободат вработените од работните работи. За еден родител до 10 годишна возраст ќе се дозволи отсуство од работа од јавните и приватните институции во наредните 14-денови. Се прекинува наставната дејност во јавните научни институти и универзитети. Се забрануваат јавни собири со над 1000 учесници во наредните 14-денови. Се забранува одржување на спортски натпревари со публика во следните 30-денови. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните земји, согласно листата на СЗО. Се забранува извоз на медицински средства“, посочи Филипче.
Сите кои нема да ги почитуваат препораките ќе бидат казнети според Кривичниот законик.
„Се забранува меѓународен автобуски превоз од и кон високо ризичните земји. Апелираме да се почитуваат мерките за превенција. Упатуваме препорака до сите органи на државната управа, приватните компании за времен прекин на работните обврски, односно неодење на работно место за бремените жени и хронично болните лица. Во сите државни институции ќе бидат дистрибуирани средства за дезинфекција“, додаде Филипче.