Фљора Бровина, пратеничка во косовското Собрание од владеачката ДПК, денеска признала дека фотографиите кои ги прикажа во законодавниот дом, а за кои тврдеше дека се доказ како српски војници силуваат Албанка, се лажни.
Во медиумите имаше информации дека Бровина покажала и фотографии кои покажуваат како српски војници силуваат седумгодишно девојче. Денеска се покажа дека сето тоа било лага.
Пратеничката пак по испитувањето во полиција им се извини на граѓаните на Косово, посебно на жените кои биле жртви на сексуално насилство и на нивните семејства. Бровина за време на пленарна седница во косовскиот Парламент објави фотографија за тврдеше дека е доказ за сексуалното насилство за време на војната во Косово. Таа изјави дека можеби се работи за фалсификуван документ кој е злоупотребен околу 2003 година кога и бил предаден додека ја извршувала функцијата, претседател на Комисијата за исчезнати личности.

„Еден активист ми го предаде документот во плико и рече дека можам да го употребам и дека личноста е жива“, рече Бровина.
Фотографиите стигнаа во специјалното косовско обвинителство кое ќе го истражува случајот. Од таму соопштуваат дека ќе покренат истрага за фотографијата. Во меѓувреме, косовски медиуми јавија дека фотографијата била преземена од интернет страница со порнографски содржини.
Од обвинителството соопштија дека Бровина била повикана на разговор за нејзините тврдења дека наводната жртва на сексуално насилство на фотографијата ја познава и е жива, како и да ја предаде фотографијата и доказите за кои вели дека ги поседува.
Невладини организации соопштија дека Бровина и нанела голема штета на косовската заедница и на досегашната работа со жртвите на сексуалното насилство за време на војната во Косово.