„Цела недела Град Скопје е во тотален колапс поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивните кадри во градската власт. Цела недела приватните автобуски превозници не возат и блокираат важни сообраќајници поради тоа што Град Скопје и градоначалничката Арсовска не им ги исплаќаат долговите. Јавниот превоз крахира, ЈСП нема доволно капацитети да ги опслужува сите линии комплетно, па скопјани со часови чекаат автобус на постојките и се возат во преполни автобуси,
Во исто време, ЈСП кое тоне во долгови, случува договор за набавка на дизел гориво по цена од 118 денари за литар дизел, во период кога ова гориво чини 86,5 денари за литар“, вели Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје.
„Катастрофална е ситуацијата и во други градски јавни претпријатија како „Дрисла“ и „Водовод и канализација“. Но, градската власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска ги игнорираат сите овие проблеми и продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за криминал. Во меѓувреме, градот стагнира, нема ниту еден нов проект, ниту пак се продолжуваат проектите наследени од претходната градска власт предводена од СДСМ. Една година градска власт на ВМРО-ДПМНЕ е една година стагнација на градот, една година разочарувања за граѓаните“, додава таа.
Наспроти нив, се огласи и ВМРО-ДПМНЕ.
„Данела Арсовска и СДС се во коалиција, Ковачевски потврди имале и средби, плод на коалицијата е директорот на ЈСП кадар на СДС. Димитар Ковачевски јавно призна дека имал средби со Данела Арсовска. А тоа се гледа и по кадровските политики на градоначалничката на Скопје, која за свои први соработници назначува луѓе од СДС. Имено Александар Стојковски, директорот на ЈСП поставен од Данела Арсовска е кадар на СДС. Ова е фотографија од која се гледа Стојковски на партиските состаноци во централниот штаб на СДС. Заедничкиот интерес на таквата коалиција се тендерите и договорите во 4 очи. Зошто ЈСП троши повеќе нафта од тоа што трошеше со повеќе автобуси од пред 8 години? Зошто фирмата на владиниот пратеник е победничката на милионскиот тендер за набавка на нафта за ЈСП? Одговорите ги крие коалицијата Арсовска - Ковачевски, кои што се одговорни за хаосот. Данела Арсовска молчи и за долгот на Клинички центар кон ЈП Водовод и канализација. Зошто молчи, ако не се во тајна коалиција?“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Град Скопје му должи на ЈП Улици и патишта. Данела Арсовска го заглавила градот во долгови, неподмирени обврски и во проблеми. Еден од таквите проблеми е и застојот во јавниот превоз. Додека делат тендери, Арсовска и Ковачевски ги ставија приватните превозници на милост и немилост, а скопјани со нарушен јавен превоз. Скопје е блокирано, а скопјани заглавени во сообраќаен хаос, и тоа е вина само на СДС и на Данела Арсовска. Очигледно е зошто ВМРО-ДПМНЕ ја повлече својата поддршка за Арсовска. Никогаш нема да поддржиме некој кој тргнува во коалиција со криминалци за правење на матни зделки“, додава тој.