Скопје би можело повторно да добие современ саемски комплекс, откако Владата најави дека е пронајдена локација за изградба на нов саем, кој ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски, информираше дека веќе се работи на проектот и дека наскоро треба да следуваат разговори со потенцијален приватен инвеститор.
Иако не ја откри точната локација, Томовски посочи дека таа се наоѓа во близина на комплексот „Џевахир“ во Општина Аеродром. Според првичните планови, новиот саемски комплекс нема да биде само простор за изложби и саемски манифестации, туку ќе опфаќа и дополнителни содржини.
Најавена е изградба на повеќе изложбени хали, спортски терени, хотелски капацитети и други придружни објекти, со цел повторно да се воспостави саемската дејност во главниот град.
Скопје остана без саемски простор по уривањето на објектите на поранешниот Скопски саем, на чија локација подоцна беше изграден трговски центар.