Вечерва, со почеток во 20.30 часот, ќе се одржи концерт на Гал Фаганел – виолончело (Словенија/САД) и Маја Божиновска – пијано (Македонија).
Концертот ќе се случува во Националната галерија на Северна Македонија – Даут-пашиниот амам, а влезот е слободен.
Гал Фаганел е реномиран изведувач, наставник, ментор и артист. Медиумите го имаат возвишено за неговата извонредно чувствителна интерпретација, неговиот моќен и прекрасен тон и неговата брилијантна виртуозност и младешка енергија. Како изведувач Фаганел честопати учествува во рецитали, на концерти на камерна музика и како солист со оркестар низ Северна Америка и Европа. Победник е на многубројни натпревари, вклучувајќи ги интернационалниот натпревар по виолончело „Антонио Јанигаро“ во Хрватска, натпреварот на Асоцијацијата на американски наставници по гудачки инструмент во Калифорнија и Словенскиот национален натпревар како солист и во трио-пијано. Од 2006 година Фаганел има истражувано, настапувано и снимано музика за виолончело од словенски композитори. Исто така, има направено повеќе архивски снимки, а учествувал и во емисии во живо на Националното радио Словенија, Радио Холандија, Класика KUSC во Лос Анџелес, KBAQ во Финекс и во Колорадо на радиото Public. Има докторирано на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Во неговите ментори спаѓаат Елеонор Скоенфелд, Натаниел Росен, Даниел Ротмулер, Петер Марш и Добрила Берковиќ-Магдалениќ. Фаганел со задоволство подучува виолончело и предава камерна музика како професор на Универзитетот во Северен Колорадо. Пред неговото академско место тој беше дел од „Симфонијата Финекс“ како прво виолончело. Фаганел редовно води мастер-часови и подучувана летни музички програми во САД и низ Европа.
Пијанистката Маја Божиновска (1993) е родена во Битола, каде што го завршува основното и средното музичко училиште. Во 2015 година таа дипломирана на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, а во 2017 магистрира под менторство на светски познатата Лилја Зилберштајн (Русија/Австрија).
Во текот на своето образование редовно настапува на повеќе значајни концерти на вокално-инструменталните оддели во склоп на Факултетот за музичка уметност – Musica Viva, свечени концерти по повод одбележување на јубилеите на Фредерик Шопен (2010), Клод Дебиси, Франц Лист (2011) и Гоце Коларовски (2014). Се јавува и како уметнички соработник на класите по соло пеење и член на Симфонискиот и Камерниот оркестар на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Учествува и на разни културни манифестаци и фестивали, како: Шопенова вечер (2005-2011) – Битола, Есенски музички свечености – Скопје (2011-2014), Златна лира – Скопје(2012), Битфест – Битола(2013,2014,2017), Денови на македонската музика – Скопје (2012-2014), каде што, покрај соло настапите, изведува македонска музика и во разни состави. За време на своето образование редовно одржува концерти и рецитали. Во текот на изминатиот период настапува во повеќе земји: Србија, Косово, Франција, Италија, Австрија, како и низ Македонија.
Била учесник на натпревари на државно и меѓународно ниво каде што остварува високи резултати. Добитник е на повеќе награди (Охридски бисери, Montrond les Bains, Davorin Jenko и др.). Во текот на своето усовршување зема учество на семинари кај светски познати пијанисти: Елена Дикова (Бугарија), Роберт Лербаумер (Австрија), Ендре Хегедус (Унгарија), Луле Елези (Косово), Јаромир Клепач (Чешка), Алексеј Володин (Русија), Лилја Зилберштајн (Русија).
Остварува соработка со голем број уметници, со коиуспешно соработува на многу манифестации и на разни фестивали низ Македонија. Значајна е да се спомне и турнејата низ Македонија, каде што концертира со пијанистката Мимоза Ќека во дуо-пијано. Концертира и со голем број соло пејачи, меѓу кои и Злата Тошевска, Марко Димовски, Никола Зацески и многу други. Од 2017 година е член и на Камерниот оркестар на Битола. Се јавува и како уметнички соработник на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ во Охрид.
Во април 2015 година била учесник на интернационалниот натпревар на млади пијанисти Festival international de piano „Jeunes Talents во Монтронд-ле-Бен, Франција, каде што остварува значајни резултати и котира на високо место меѓу учесниците.
Во јули 2015 година таа е избрана како активен студент да учествува на мастер-класите по пијано раководени од пијанистката Лилја Зилберштајн во реномираната Academia musicale Chigiana во Сиена, Италија, каде што забележува и свој настап на летниот музички фестивал Chigiana International music festival- Il ClassicoInatteso – Siena. Нивната соработка продолжува и на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена под чие менторство запишува и магистерски студии, кои ги заокружува во 2017 година.
На нејзиниот репертоар се наоѓаат дела од разни епохи и композитори: Бах, Бетовен, Шопен, Брамс, Лист, Дебиси и многу други, како и дела на композитори од македонското творештво: Г. Коларовски, Ж. Глишиќ, И. Илиевски, Т. Скаловски, Т. Прокопиев. Од 2015 година работи како професор во Државното музичко училиште во Битола, каде што остварува значајни резултати со своите ученици.