Скоро 30 години ќе поминат откако бившата градска депонија Вардариште е затворена. Скоро 30 години го имаме проблемот на Вардариште во Скопје, постојано жариште кое континуирано ја загадува почвата, водата, воздухот. Се отрувме од канцерогените чадови на запален отпад, кабли, гуми.. од овој дел. И никој уште не мрднал со прст да се реши овој проблем.
„За воопшто да се започне со санација, ремедијација и рекултивација на Вардариште, за што уште во 2014 год. е изработена физибилити студија, предуслов е да се донесат преостанатите два ДУП-а за Вардариште, за градска четврт СИ 09, блок 2 и блок 3. Врз таа основа ќе може да се изработи основен и изведбен проект за санација, ремедијација и рекултивација на Вардариште. Општина Гази Баба доставила во јануари 2023 барање до Министерството за транспорт и врски (МТВ) изработката на овие два ДУП-а да се вметне во Програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови на Владата за 2023 година. Но, МТВ не ги вметнало во годишната Програма за 2023. Во септември 2023, општина Гази Баба повторно доставува барање до МТВ за вметнување на изработка на двата ДУП-а во Програмата на Влада за 2024 година“, пишуваат од „O2 Иницијатива“.
Упатија јавен повик.
„Јавно го повикуваме министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и надлежните во министерството овој пат да го прифатат барањето за да посведочиме кон изработка на овие ДУП-а иднава година и да може конечно да започне процесот на изработка на проектна документација за санација на Вардариште. Доста се поминати скоро 30 години без никакво реално поместување на темава“, додаваат тие..