Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) повторно реагираше на изјавите на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакнувајќи дека прашањето не е во висината на износот за кој се водат споровите, туку во почитувањето на законите, колективните договори и работничките права.
Од изјавите дадени на вчерашната прес-конференција произлегува впечаток дека и неговите поранешни јавни настапи во поддршка на синдикалните барања биле мотивирани пред сè од политички, а не од принципиелни позиции.
Затоа денес сосема легитимно се поставува прашањето: доколку неговата политичка партија не беше на власт, а истите проблеми постоеја во културата, дали денес министерот ќе застанеше на прес од партиска говорница со поддршка за Синдикатот или е силно убеден во тоа што денес го говореше.
Во однос на наводите изнесени на неговата прес-конференција, должни сме јасно и одговорно да ја информираме јавноста за следното:
Во Колективниот договор за култура не постојат привилегии за одредени групи вработени. Во сите неговите одредби се користи поимот работник, без какво било разграничување по дејност, професија или институција.
Синдикатот никогаш не побарал права или поволности кои не би важеле подеднакво за сите вработени во секторот култура.
Во однос на изјавата дека раководството на СКРМ бара администрацијата и локалните установи да бидат исклучени од "сите решенија" "за привилегија на едни, а исклучување на други", констатираме дека е доста конфузна и нејасна а, ваквите неточни наводи умислено се користат во обид да го дестабилизираат синдикалното делувањеʼ “како по книга”, особено ако се земат предвид изјавите на министерот пред раководството на СКРМ дека „не може библиотекар во Делчево или Кочани да прима иста плата како тој во Скопје“, или дека тој лично разговарал со гредоначалници од внатрешноста за висината на платите во локалните установи.
Ваквите “сламка” изјави на министерот претставуваат интенционен простор за поделби меѓу вработените и создаваат впечаток дека намерно се конструира наратив за наводни привилегии, со цел да се дискредитира синдикалната борба.
Доколку министерот има искрена намера да ги унапреди правата на балетските уметници преку бенифициран работен стаж, тоа може да го направи во секое време, со едноставна законска интервенција – преку измена на Законот за култура. За такво решение не е потребен нов Колективен договор.
Во однос на теренскиот додаток, станува збор за право од работен однос утврдено со Закон и Колективен договор и применливо за сите вработени во културата, вклучувајќи ги и уметниците, кои ги исполнуваат условите. Доколку во одредени институции тоа право досега не било применувано, а вработени биле испраќани на работни задачи надвор од седиштето на установата повеќе од три последователни дена, станува збор за пропуст на раководствата на тие институции, а не за барање или постапка на Синдикатот.
Синдикатот на културата категорично ги отфрла обидите вчерашната прес-конференција на СКРМ, да се дискредитира со квалификации кои не придонесуваат за институционален дијалог. Наместо квалификации, очекуваме аргументи и транспарентност.
Затоа го повикуваме министерот јавно да ги објави сите документи на кои се повика во неговиот прес. Јавноста има право не само да слуша изјави, туку и да види дали тие се поткрепени со факти.
Затоа што фактите се поинакви. Во моментов постојат права утврдени со закон и со важечкиот Колективен договор кои не се почитуваат. Во такви услови, сосема е оправдано прашањето: како ќе се зборува за унапредување на правата, кога ни постојните не се спроведуваат?
СКРМ не бара незаконска пресметка на платите. СКРМ не бара минимална плата од 39 631 денар.
СКРМ бара платите да се пресметуваат во согласност со законите и колективните договори.
Ова не е ултиматум, туку легитимно инсистирање на почитување на правниот поредок и на работничките права.
И не станува збор за 471 или за 1331 денари, колку и да сакате да ги девалвирате “смешните суми”.
Станува збор за принцип, за закон и за правда.
Зошто со скратување на едно право, се отвара простор за кратење на друго.
Повторуваме,
Да, постојат осум правосилни судски пресуди кои ја потврдуваат основаноста на барањата на синдикатот и кои мора да бидат почитувани и спроведени.
Судските пресуди не се „доставуваат однапред“ до Синдикатот, можеби е тоа вашиот начин.
Тие се објавуваат на судско рочиште и стануваат дел од судскиот записник, пред официјалната достава на пресудата. Дискредитацијата што се прави на судот кој што ги усвоил тужбените барања- како “влијание на Синдикатот врз судските постапки” најмеко кажано претставува огледална рефлексија на нечиви други делувања и постапувања.
И за крај, министре Љутков – наместо конфронтација со Синдикатот, имавте можност да покажете лидерство и да застанете зад својата професионална фела и зад својот ресор, имате примери на којшто може да се угледате.
Можевте да бидете горд, како што премиерот Христијан Мицкоски јавно изразува гордост за платите во високото образование, кои се резултат на заложбите на оваа Влада.
Тогаш ќе требаше само да барате резултати – и од раководствата на институциите и од вработените – наместо да се обидувате да ја претставите синдикалната борба како проблем и што ли уште не.
Но за таков пристап потребни се и политичка зрелост, минимум суета и институционална одговорност – нешто што, за жал, вчера не го видовме.
И едно нешто што вчера не слушнавме на пресот е - Кога на јавна дебата министре или таму нема да ги собере сите што ја изигруваат правдата“, велат од СКРМ.
Љутков: Тврдењата за злоупотреба на службената положба се неосновани и неточни, синдикатот бара незаконска пресметка на платите
Денес Синдикатот на културата објави дека поднел кривична пријава против министерот Зоран Љутков за злоупотреба на сопствената положба и овластување и повреда на права од работен однос.Министерот Зоран Љутков ја нарече срамна прес-конференцијата на Синдикатот на културата и изјави дека тврдењата против него се неточни и паушални.Сакам недвосмислено да нагласам дека како министер, секогаш стојам на страната на учесниците во културата и се залагам за заштита на нивните права. Никогаш не сум постапувал самоволно, ниту сум ускратил законски загарантирани работнички права. Сите одлуки што ги носам се во согласност на законските рамки и со принципот на еднаков третман за сите вработени во културниот сектор. Тврдењата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани и неточни. Ниту во еден момент не сум попречил остварување на никакво работничко право загарантирано со Устав и со закон. Напротив, мојата обврска е да обезбедам систем каде што правилата важат еднакво за сите, без привилегии и без исклучоци“, вели Љутков.Тој изјави дека во Македонија, се применува општ колективен договор за јавен сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор кој со утврдена пресметка на плата.Општиот колективен договор предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10% од месец септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување од страна на Министерството за култура, било понудено склучување анекс на колективниот договор што синдикатот го одбил. Денеска на прес-конференција слушнавме дека такво нешто не било понудено. Јас го имам овде кај мене документот. Па сега синдикатот тужи за пресметка на плати според начин кој доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата од објавената минимална плата во согласност со закон во државата. За да биде појасно, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор на Република Македонија за пресметка на основната бруто плата изнесуваше 36.037 денари, а барањето на синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто плата да се прави на износ од 39.641 денар, којшто ги прави во поповолна ситуација од сите други останати во јавниот сектор и што е спротивно на минималната плата објавена согласност со закон. Значи, синдикатот барал незаконски да се пресметуваат плати. Минималната плата на сите вработени во државата е иста, таа е уредена со закон и јавно се објавува секоја година. Ако со покачувањето на минималната плата во 2025 година сите вработени во јавниот сектор добија покачување во нето износ од 1.800 денари, вработените од установите во областа на културата добија покачување во нето износ од 1.800 денари за најниското работно место до 4.390 денари за највисокото работно место“, вели Љутков.
Македонија | пред 2 дена