По повеќегодишни барања и синдикални активности, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) оствари работна средба со министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, на која биле отворени повеќе прашања од значење за вработените во културата.
На средбата е договорено формирање две работни групи – едната за Колективниот договор за култура, кој е во постапка пред Уставниот суд, а другата за Законот за култура, во која СКРМ ќе учествува директно.
Како што информира СКРМ, биле разгледани и прашања поврзани со исплатата на стручните звања во дејноста заштита, како и со нивното, како што наведуваат, селективно исплаќање во претходниот период. Синдикатот бара овие права да се применуваат еднакво кон сите работници кои ги исполнуваат законските и професионалните услови.
Разговорите опфатиле и унапредувањата во театарската дејност, при што СКРМ укажал на случаи во кои вработени со години не напредуваат, додека, според синдикатот, има и случаи на селективни унапредувања.
На средбата било отворено и прашањето за бенефицираниот стаж на балетските уметници, со оглед на специфичноста и физичката тежина на нивната професија.
Од СКРМ велат дека средбата ја гледаат како почеток на процес во кој синдикатот треба активно да учествува во креирањето на решенијата што ги засегаат културните работници.
„Правата на културните работници не треба да бидат предмет на дневна политика, селективно толкување или празни ветувања“, наведуваат од СКРМ.
Од синдикатот додаваат дека позитивниот став на министерот Седат Сулејмани за отворените прашања создава простор за очекување дека договорениот дијалог ќе резултира со конкретни решенија.