На дневен ред на денешната владина седница е законот за СЈО и премиерот Заев очекува тој да помине и во Собрание бидејќи, како што кажа, ја имаат согласноста од коалиционите партнери, а ќе разговараат и со опозицијата.
И вицепремиерот Бујар Османи најави дека на денешната владина седница очекува да помине законското решение кое се однесува на СЈО. Тој по средбата со претседателот на антикорупциска комисија рече дека продолжуваат со реформите и исполнување на точките од планот 18, а дека државната Комисија за спречување корупција е дел од тоа.
Според извори на „Скопје 1“, законот е договорен да ги помине сите филтри и со помош на опозицијата. Осумте пратеници кои гласаа за уставните измени кои произлегуваа од Преспанскиот договор, сега ќе кренат рака и за законот за СЈО. Шпекулациите во јавноста велат дека терен за вакви чекори се подготвувал претходно, односно еден од договорите бил слобода за ексспикерот Трајко Вељановски, во замена за законот за СЈО.
Министерката Дескоска неодамна кажа дека се уште во Собранието нема двотретинско мнозинство за усвојување на измените за СЈО чии предмети, според насоките од странските експерти, треба да ги преземе ОЈО.
СЈО во рамките на ОЈО ќе ја задржи својата економска независност, рече Заев.