Словенија се вклучува со 50 пожарникари и специјализирана опрема, а Чешка испраќа хеликоптер како поддршка во гаснењето на пожарите што беснеат низ повеќе региони во земјава. Помошта од овие две земји се очекува да пристигне во текот на денешниот ден, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според нивните податоци, од вкупно 27 активирани пожари на отворен простор, во моментов седум се сè уште активни, три се ставени под контрола, а 17 се целосно изгаснати.
Активни пожари се регистрирани на планината Голем Готен и во Малешевските планини, како и во прилепското село Бешишки Рид, каде огнот се шири кон селото Градежница во општина Новаци и кон државната граница со Грција.
Гори и во подрачјето меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радибил и Дрен во Општина Прилеп, потоа во селата Галиште и Трстеник во Општина Кавадарци, како и меѓу селата Црешево, Локцива и Крапа во Општина Македонски Брод. Пожар е активен и во селото Ќосевица во општина Македонска Каменица, како и во селото Ореше во Чашка и во кичевското село Горно Црско.
Пожарите кои се ставени под контрола се во селото Грешница во општина Македонски Брод, каде што горела мешана шума и сува трева, потоа меѓу селата Драгоево и Селце во Општина Штип, каде биле зафатени нискостеблеста шума, прнар и сува трева, и во село Јунузлија, општина Карбинци, каде се регистрирано горење на шума.