Поранешниот американски разузнавач и свиркач Едвард Сноуден, кој избега во Русија, вели дека благодарение на неговите откритија, тој сега живее во подобар, послободен и побезбеден свет. Во ексклузивното двочасовно интервју во Москва по повод годишнината од објавувањето на неговите мемоари коишто го шокираа светот, Сноуден зборуваше со „Гардијан“ за неговиот нов живот и плановите за иднината.
Тој за прв пат детално објаснува што е тоа што го натерало да открие детали за тајните програми што ги водат американската агенција за национална безбедност (НСА) и британскиот центар за тајни комуникации. Тој вели дека е загрижен поради настојувањето на американската влада, со помош на големите интернет компании, да собираат податоци за сите на земјата, бележејќи податоци за нивните секојдневни животи. Тој, наводно, се помирил со фактот дека ќе го помине остатокот од животот во Русија. Сноуден открива дека тајно се оженил со својата партнерка. Иако повеќе би сакал да биде во САД или Германија, тој вели дека во Русија е опуштен и способен да води повеќе или помалку нормален секојдневен живот,објави Нова Македонија.
Сноуден живее во Русија од 2013 година, откако откри информации за НСА за илјадници тајни документи поврзани со масовно набљудување. Тој не може да ја напушти земјата од страв за екстрадиција во САД, кои издадоа налог за негово апсење.
Шест години подоцна, Сноуден е еден од најпознатите бегалци во светот: беше направен документарен филм за него кој освои Оскар, холивудски филм, а за него се напишани повеќе од десет книги. Како резултат на неговите откритија, воведени се нови закони за надзор во САД и Велика Британија, а интернет-компаниите воведоа заштитни мерки како одговор на реакциите во јавноста.