Во рамките на 97. седница, Собранието со 68 гласа „за“ и 15 „против“ го избра Ацо Ристов за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно искуство во енергетскиот, хидроенергетскиот и инфраструктурниот сектор, како и управување со проекти во водоснабдување, третман на води и рударство. Тој е член на Комората на овластените архитекти и овластените инженери на Македонија и има овластување за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија.
Расправата во Собранието беше обележана со контроверзии околу независноста на Ристов. Пратениците од опозицијата, предводени од Левица, ја оспорија неговата независност и најавија формална претставка до Европската енергетска заедница, истакнувајќи блиски врски со премиерот. Од власта, пак, потенцираа дека Ристов ги исполнува сите законски услови и дека неговото искуство и авторитет го прават погоден за позицијата.
Претседателот на РКЕ доаѓа од бизнис секторот, каде што сопственик е на мали хидроцентрали, но се откажува од овие интереси пред да ја преземе функцијата. Поранешниот претседател на РКЕ, Марко Бислимовски, поднесе оставка на 12 февруари годинава.
На седницата, ВМРО-ДПМНЕ ги нагласи квалитетите на Ристов, истакнувајќи три децении искуство и докажан професионален и општествен авторитет, додека пратениците од СДСМ и Левица укажаа на потенцијални конфликтни интереси и влијание на политиката во изборот.