И во СДСМ се крчкаат листите за можни пратеници од партијата и коалициските партнери. Според информации на „Скопје1“, во изборната единица еден, носител ќе биде партискиот лидер Димитар Ковачевски. Тоа тој го потврди и во неколку наврати. Според досегашната пракса, ќе има и втор носител на листа, а тоа најверојатно ќе биде лидерката на ЛДП, Моника Зајкова.
Во втората изборна единица, предводници ќе бидат Фатмир Битиќи и Сања Лукаревска. А пак, Оливер Спасовски кој во минатото беше носител во двојката, сега се сели во третата изборна единица, заедно со Љупчо Николовски.
Четворката е резервирана за Венко Филипче, додека петтата изборна единица ќе биде предводена од Јован Митревски и Бисера Костадиновска-Стојческа.
Шестата изборна единица е неизвесна. Таму се споменуваат повеќе имиња за носители на листа, како Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ. Партијата, нема одлучено кој ќе биде.
На уште едно добитно место се надева ЛДП, но и НСДП. Тука битката е помеѓу досегашните Соња Мираковска и Горан Мисовски, но аспирации има и партискиот секретар Мики Милковски.