Професорката по право, Мирјана Најчевска, остро реагираше за ослободувањето на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и фактот што државата ќе ги плаќа трошоците. Засебно и ексминистерот, актуелен политички аналитичар Џевдет Хајредини, потсети како Зоран Заев дошол на власт - со помош на снимките од прислушуваните разговори.
„Токму и само со прислушувањата на Мијалков, Заев дојде на власт и обезбеди и по него, СДСМ со Ковачевски, кого, не случајно, го донесе од корумпираниот ТЕЛЕКОМ, заедно со Али Амети да се одржат на власт. Поради ова и со амнестијата на сите други корумпирани криминалци, дефинитивно, од владеењето на правото и борбата против корупцијата во Македонија, не треба ништо да се очекува“, вели Хајредини.
Остра рекација и од професорката Најчевска.
„Па сега сите трошоци кои се поврзани со застарувањето треба да ги покријат тие кои го овозможија застарувањето. Не гледам зошто јас како граѓанин треба да му плаќам на еден од најголемите криминалци и крадачи во државата и да го наградувам затоа што ме испокрал. Ова е човек на ВМРО и како функционер на ВМРО ги направи криминалните дејствија. ВМРО не го препознава неговиот криминал и затоа не смее да дојде на власт. СДСМ го ослободи и заради тоа мора да биде симната од власт. ДУИ е дел и од криминалот на едните и од криминалот на другите. Значи мора да биде отстранета од власт. Ако некој ми каже дека нема алтернатива тоа само значи дека е дел од криминалот. Ништо друго. Ако некој бојкотира тоа значи дека е дел од криминалот. Ништо друго. Ако некој изјави дека му се врзани рацете значи дека е дел од криминалот. Ништо друго“, напиша Најчевска.