Со 95 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците го изгласаа новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК).
По предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, претседател на ДИК ќе биде Александар Даштевски, а Дитмире Шеху, која е предлог на ДУИ, останува потпретседателка.
Другите членови се: Бобан Стојаноски, правник во Собранието, кој е предлог поддржан од ВМРО-ДПМНЕ; Борис Кондарко, Радица Ристеска и Оливер Ристовски – предлози од СДСМ и Кренар Лога, правник од Струга – предлог на коалицијата Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.
Новиот состав на ДИК е избран непосредно пред истекот на мандатот на актуелниот, на 15 јануари.
Во новиот состав на ДИК нема да биде досегашниот претседател Оливер Дерковски. Тој е еден од осомничените за скандалот со крахот на веб-сајтот на ДИК кога на денот на изборите лани на 15 јули воопшто не се објавуваа резултатите од гласањето.