Сопругата на Претседалот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на Вториот национален форум за здравје насловен „Здрави мајки, здрави новороденчиња: Северна Македонија одговара на предизвиците“, којшто е во организација на Министерството за здравство, а е поддржан од Светската здравствена организација.
Во своето обраќање, Ѓоргиевска посочи дека во модерната медицина се применува грижа која е центрирана на личност којашто може да оживее преку новата визија на мрежата за примарна здравствена заштита. Таа истакна дека со подобрување на здравјето на луѓето во заедницата може да се придонесе истото да стане реалност без разлика на возраста и социјалниот и економскиот статус на луѓето.
„Зајакнувањето на здравствениот систем претставува динамичен процес на сите нивоа. Сепак, сметам дека е неопходно да се даде посебен импулс во посветувањето на вистинското место на примарната здравствена заштита. Имено, таа би требало да претставува главен столб за унапредувањето на целокупниот здравствен систем, бидејќи одговара на најважните и превалентни потреби на граѓаните и заедницата.
Верувам, сите ќе се согласиме дека нема подобра можност отколку секој член на семејството да добие здравствена услуга од здравствени работници со кои живее во истата средина и ги дели истите заложби и вредности. Примарната здравствена заштита е така поставена да може да ги разбере потребите и спецификите на секоја заедница, нивната традиција и практиките.
Треба да запаметиме, да бидеме свесни дека нема здравје без сестрите, болничарите, докторите и другите здравствени работници. Човечкиот потенцијал во примарната здравствена заштита е бесценет и треба да му се оддаде должното признание, да се инвестира во него, да му се обезбеди адекватна работна средина и почит која ја заслужува“, истакна во дел од своето обраќање Елизабета Ѓоргиевска.
фото: Кабинет на Претседател