Со директно испрашување на сопственикот на „Дурмо Турс“, кој е првообвинет во предметот „Ласкарци“ од страна на одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за автобуската несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година во атарот на скопското село Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени, објави Фокус.
Прашан колку време го познава и од кога е вработен во „Дурмо турс“ возачот Маноил Трифуновски, кој е шестообвинет во овој случај, Белули одговори дека Трифуновски е дојден пред 10-тина години.
– Истиот и тогаш и сега се сметаше меѓу најдобрите возачи со големо искуство, но, за денот на несреќата, дали имал некои семејни проблеми, или здравствени проблеми, тоа не ми било познато, но, по 13 февруари 2019 година, дознавме дека истиот Маноил Трифуновски боледува од шеќерна болест и прима инсулин, тоа при телефонски разговор ми го потврди истиот Маноил, кажа првообвинетиот.
Прашан каде бил за време на случувањето на несреќата, Белули кажа дека тој ден со двајца пријатели од Гостивар, околу 13 часот, биле во Скопје, се задржале до 16 часот и потоа со негова кола се вратиле за Гостивар.
Судењето за овој случај продолжува на 23 март 2021 година. Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
Текстот во целост на: Фокус.