Сите поправки на автобусите на Дурмо Турс се вршеле во сервисот на станицата, каде за секое возило имало тетратка. Одговорно лице на сервисната гаража бил Ремзи Мифтари, но, тој не би можел да знае што е со некое возило, ако тоа не го пријави возачот. Секој професионален возач, бил должен да го провери возилото пред пат, изјави првообвинетиот Дурмиш Белули, на денешното рочиште за случајот Ласкарци, Објави ФОКУС.
Во своја одбрана, сопственикот на „Дурмо Турс“ Белули рече, дека на никој начин не придонел за сообраќајната несреќа и дека за тоа не се чувствува виновен.
– Јас жалам и чувствувам тага за тоа што се случи. Што и да се случи со нас, тоа жртвите не ги враќа. Го повикувам единствениот учесник во сообраќајната несреќа – возачот Мануел Трифуновски да каже што се случило. Без оглед кој ќе одговара, да каже. Само тој ја знае вистината, другото се претпоставки, изјави Белули.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.
извор: ФОКУС.
фото: Архива