Жарко Миленкоски извршен директор на приватна компанија со капитал од Република Бугарија, која е сопственик на бродот лоциран во реката Вардар веднаш до хотелот Холидеј Ин, вели дека бродот е целосно нивна инвестиција во износ од 1,2 милиони евра и местото беше под закуп на Градот Скопје за период од 10 години.
„Во текот на изминатата година за време на пандемијата, нашиот бизнис целосно запре и претрпевме тешка криза. Во таква ситуација, ние се обративме до Градот Скопје и лично до градоначалникот г-дин Шилегов неколку пати со барање за каква било форма на помош во време на криза. Не само што не добивме никаков одговор од господинот Шилегов, туку во јуни 2020 година добивме писмо од Градот дека нашиот договор за закуп се раскинува поради задоцнето плаќање на 2-3 месечни закупнини, иако сите достасани плаќања беа извршени неколку дена порано“, вели Миленкоски.
Тој во дописот кој го испрати вели дека по договорот, плаќаме и дополнителни 1000€ месечно како за некој вид концесија.
Закаснивме со плаќање за време на карантинот кога никој не работеше. Лично на Градоначалникот му испратив две писма со молба да објасни како мисли да ни помогне, затоа што даваше изјави дека ќе помогнат на стопанството. Кога видов дека не одговара плативме се’ што должиме 100%. Веднаш потоа договорот ни беше раскинат. Тоа е вистината. Се’ друго е манипулација.
На судењето на 7-ми Јули може да дојде не лично Петре Шилегов, туку и Св. Петар да дојде фактите се сепак на наша страна.
„Единствена причина поради што и дојдовме до тука, е НЕНОРМАЛНИОТ притисок и закани спрема Судиите. Можеби затоа сака да дојде “лично да го брани градот”, за да може лично да се заканува со смена на Судиите.
Поради горното, ги информиравме Амбасадата на САД, Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на Р.Бугарија и Председателот на Р.Бугарија.
Доста е со притисоци на Судиите!!!
Во продолжение ви го пренесуваме дописот во целост:
Јасно е дека рушењето на бродот е начин за собирање политички поени на Петре Шилегов.
Токму затоа тој дури направи и ПРЕС-конференција пред бродот, претставувајќи го рушењето како најголемо достигнување.
Исто како Дон Кихот што ги рушеше ветерниците…
Циркус, наместо да сече ленти да отвара булевари, нашиов Градоначалник се фали што руши инвестиција од 1.2 Мил Еур затоа што за време на карантин од Ковид 19, сме закасниле со плаќање на вкупно 3000 Еур.
НЕ ПРИЗНАВА ВИША СИЛА, има да ја сруши ветерницата, пардон Галијат, па макар последно да му е.
Аман!
Чисто фактогравски:
Истиот тој ден кога влезе да руши во Април, во тек беше судско рочиште во Основниот граѓански суд Скопје за привремена забрана за запирање на извршувањето.
По две одржани рочишта, Основниот граѓански суд Скопје донесе Решение за привремено запирање на сите извршни дејствија се додека не се реши спорот за инвестицијата.
Оваа одлука стапи во сила веднаш и извршувањето што веќе беше започнато, се запре.
Постапувајќи по жалба, Апелациониот суд Скопје го укина решението и го врати предметот на повторно одлучување во првостепениот суд. Оваа одлука беше донесена експресно под НЕНОРМАЛЕН ПРИТИСОК и покрај тоа што за овој вид тужби вообичаено трае со месеци.
Оваа одлука на судот не е конечна и има закажано ново судско рочиште на 7 јули. Но градоначалникот г-дин Шилегов повторно поднесе барање за извршување, а Извршителот не извести дека на 17.6.2021 година во 9 часот ќе продолжи извршувањето, т.е. рушењето, иако од наша страна беше побарано да не се преземаат дејствија се до конечна одлука на судот, а со цел да се спречи натамошна штета.
Само за информација, првиот пат кога започнаа со извршувањето, беше причинета материјална штета во износ од четириесет илјади евра, за што поднесовме посебна тужба.
Почитувани медиуми, ве повикуваме на ден 17.6.2021 година во 9 часот пред галијата лично да посведочите како Петре Шилегов од позиција на моќ ја руши правната држава и удира на темелите на владеењето на правото. Воедно, директно се одзема и уништува странска инвестиција со странски капитал во време на тешка економска криза во која странските инвеститори го имаат избришано Скопје од картата. Конечно, се прашуваме која е намерата на Шилегов за насилно рушење на бугарска инвестиција на само неколку денови пред одлучувањето за нашиот европски пат со Република Бугарија.
Дали на овој начин се врши политички притисок, а на грбот на даночните обврзници и странските инвестиции? Сметаме дека на сите овие прашања и многу повеќе заслужуваме одговор и како бизнис, а пред сè како граѓани на оваа држава и на Градот Скопје.