Менталното здравје на децата и младите станува сè посериозен предизвик, покажува извештајот за работата на СОС-телефонот „Ало, Бушавко“ при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ за 2025 година.
Од организацијата информираат дека е забележан значителен пораст на деца и млади кои пријавуваат самоубиствени мисли или обиди за самоубиство, што укажува на потреба од итна и континуирана поддршка.
Во рамки на категоријата ментално здравје, најчесто пријавувани биле „стравот и вознемиреноста“ и „самоубиствените мисли и обидите за самоубиство“, со по 19 евидентирани случаи за секоја поткатегорија.
Во извештајот е опишан и случај на девојче кое се јавило на линијата откако нејзин пријател ѝ кажал дека планира да си го одземе животот. Иако момчето побарало никому да не кажува, девојчето сепак побарало помош преку „Ало, Бушавко“. По разговорот со операторката, случајот бил пријавен во полиција, која интервенирала и го заштитила момчето.
Според податоците, од вкупно 284 јавувања на СОС-линијата, 83 биле поврзани со ментално здравје, што претставува 30 проценти од сите повици.
Психологот Јорданка Черепналкова-Трајкоска предупредува дека менталното здравје и дигиталната безбедност на децата мора да бидат приоритет.
„Секој пропуштен сигнал од едно дете може да прерасне во тивка криза, затоа нашата задача не е само да реагираме туку и да слушаме навреме“, вели Черепналкова-Трајкоска.
Операторката на „Ало, Бушавко“, Мила Дамјановска, посочува дека е особено загрижувачки порастот на деца кои се јавуваат поради самоубиствени мисли.
„Треба да се посветиме на тоа да не им е страв на децата да кажат кога не им е добро, родителите и училиштата да бидат тука за нив и да ги слушаат“, истакнува таа.
Освен проблемите со менталното здравје, голем број повици биле поврзани и со семејни односи, повреди, проблеми со пристапност и училишната средина.
Според податоците, најзасегнати биле децата на возраст од 10 до 12 години, а потоа младите од 13 до 15 години.
В.д. оперативниот директор на „Меѓаши“, Жарко Змијанац, порача дека е време одговорноста за добросостојбата на децата да ја преземат сите клучни чинители во општеството.