Тројца соседи во американската сојузна држава Џорџија се обвинети за убиство на терапевтска свиња која му припаѓала на 12-годишно момче со аутизам и АДХД, во случај што предизвика големо внимание во јавноста. Станува збор за свињата по име Бутси, која била домашен миленик и наградувано изложбено животно, пишува „Унилад“.
Дванаесетгодишниот Герат Кокс се грижел за свињата речиси една година, откако ја добил преку програмата „Идни земјоделци на Америка“, каде што ја тренирал за натпревари. Семејството вели дека врската меѓу детето и животното била исклучително силна, а грижата за Бутси значително му помогнала на момчето да стекне самодоверба и емоционална стабилност.
Мајката на момчето, Кери Кокс, изјавила дека свињата живеела во нивниот дом во Хоштон и дека позитивно влијаела врз развојот на нејзиниот син. Таткото, Мет Кокс, опишал дека инцидентот започнал кога свињата исчезнала од објектот на семејната фарма, по што првично се верувало дека побегнала.
Додека ја барале, родителите слушнале истрел во близина. Тие го следеле звукот до имотот на соседите, каде што, како што тврдат, ја пронашле Бутси убиена од непосредна близина и врзана, додека покрај телото имало траги од подготовка. Семејството навело дека покрај животното имало и крвав коноп, а во близина била забележана вода што врие.
Мајката на детето изјавила дека се соочила со соседите и ги прашала зошто го направиле тоа, тврдејќи дека знаеле оти станува збор за нивната домашна свиња. Според нејзините зборови, тие реагирале со потсмев.
Соседите, од своја страна, тврдат дека верувале дека се работи за дива свиња. Сепак, семејството нагласува дека животното имало ушна ознака што јасно го идентификувала како домашно и дека станувало збор за наградувана изложбена свиња.
По инцидентот, полицијата потврдила дека се уапсени три лица: Мај Киа Ванг-Муа, Мејси Муа и Ки Муа. Тие се обвинети за тешко злоставување на животни.
Случајот предизвика силни емоции во семејството, особено кај малиот Герат, кој, како што наведуваат родителите, тешко се справува со загубата и постојано се сеќава на заедничките моменти со своето животно.